НУРЕДИНИ: Ние помагаме во чистењето на дивите сметишта, но општините мора да ги обезбедат услугите и во најизолираните населби

04.08.2022

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со директорот на Управата за животна средина при МЖСПП Хисен Џемаили и директорот на ЈУНП „Шар Планина“ Ибрахим Дехари денес направија обиколка на активностите  за чистење на дивите депонии и транспорт на отпадот на дел од предвидените локации што се наоѓаат на територијата на националниот парк Шар Планина. 

 


Активностите опфаќаат чистење на 16 диви депониии во општина Тетово и 12 диви депонии во општините Боговиње, Врапчиште и Гостивар и транспорт на отпадот до депонијата „Русино“. 


Средствата потребни за реализација на овие активности се обезбедени од страна на  МЖСПП. 
Во оваа прилика министерот Нуредини укажа на обврската општините, согласно Законот за управување со отпад доследно да го спроведуваат начелото на универзалност на услугите и да обезбедат собирање и транспорт на комуналниот отпад и целосно покривање на подрачјето на кое ја извршуваат јавната услуга за управување со отпад,  вклучително и изолираните населби.


Според Нуредини единствено на овој начин може да се спречи повторното појавување на „диви депонии“ во овие општини со што средствата инвестирани во активноста ќе ја постигнат целта – чиста и здрава животна средина и подобри животни услови на населението.