НУРЕДИНИ: Сега е вистинскиот момент да се трасира одржлив развој на Шара

16.09.2022

Денес во просториите на Државниот Универзитет во Тетово се одража јавна расправа за Нацрт Планот за управување со НП Шар Планина (2022-2030) и јавана расправа за Нацрт Стратешка оцена на планот за управување со НП Шар Планина (2022- 2030).

Со јавните расправи се заокружува процесот на консултација на јавноста во однос на овие два плански документа што го трасираат патот на одржлив развој на заштитеното подрачје за наредните 10 години.

Нашата цел не е да направиме природен музеј, туку да го ставиме ова подрачје под одреден степен на заштита, а воедно да овозможиме одржлив развој на подрачјето и социо-економски развој за жителите - истакна министерот Нуредини

Министерот Нурединиво во воведното обраќање, нагласи дека Паркот мора да функционира на цврста основа заснована на правна регулитава и со солидни плански документи со кои ќе бидат заштитени покрај природните вредности и интересите на жителите и стопанствениците.

Директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари ја информираше јавноста за процесите на воспоставување на системот на управување со Националниот парк, укажувајќи дека сега е вистинскиот момент да се постават прашања и да се споделат коментарите и сугестиите, било на јавната расправа или во текот на наредните две недели во писмена форма, за да истите се разгледаат и доколку се издржани се вметнат во планската документација.

На настанот се обрати и координаторката за проекти за Западен Балкан на  УНЕП Искра Стојанова, која најави нов донаторски проект „СТАР 7“, кој ќе даде придонес во надминување на предизвиците со кои се соочува новоформираниот национален парк.

На јавните расправи присуствуваше и делагација на косовското Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура предводена од заменик министерката Линда Чавдарбаша кој изрази подготвеност за соработка и размена на искуства од управувањето со НП Шари - делот од Шарпланинскиот масив од косовската страна.