Балканскиот рис е национално обележје на Македонија, го има и на монетата од 5 денари, но од денес е оправдан неговиот лик и на логото на Националниот Парк Шар Планина.
Воспоставеното следење на дивите животни со фото-замки од почетокот на годината ни даде одлични првични резултати, но последното видео ни донесе и солзи радосници.
Возбудени сме да ја споделиме информацијата дека го потврдивме неговото присуство во срцето на Шар Планина, во Лешница.
Балкански рис (Lynx lynx balcanicus) е предатор и е исклучително ретко диво животно. Тој е еден од избраните клучни видови и е добар индикатор за здравствената состојба на екосистемот.
Локалитетот Лешница е посебен предел поради своите бројни вредности, а потврдата дека е живеалиште на рисот е дополнителен аргумент дека заслужува посебен третман. Национален Парк без мали хидро-централи, почитување на режимот за движење со моторни возила, без било какви други негативни човекови влијанија и други недозволени активности.
Присуството на рисот во срцето на Шара е потврда дека насоките на управување се добро поставени и со ова би сакале да изразиме благодарност до ренџерската служба, стручниот колегиум и до научниот совет на институцијата, до колегите од секторот природа на МЖСПП и до главните подржувачи во напорите да се заштитат уникатните вредности на Шар Планина, PONT и Global Conservation.
Потрагата и заштитата продолжува...